RSS

Monthly Archives: Септември 2013

Сиромаштија и социјална исклученост

Сиромаштија и социјална исклученост

Што е сиромаштија?

Постојат различни пристапи во дефинирањето на сиромаштијата. Според последните дебати на европско ниво, сиромаштијата е поделена на два типа: апсолутна (екстремна) и релативна сиромаштија.

Апсолутна или екстремна сиромаштија се однесува на недостигот од основните потреби за преживување. На пример, недостиг од храна, чиста вода и соодветно живеалиште, недостиг на облека или лекови и борба за опстанок. Овој тип сиромаштија е најчест во земјите во развој, но постои и во развиените земји.
Елиминацијата на апсолутната сиромаштија е еден од главните фокуси на ООН. Првата цел на Милениумската кампања на ООН е искоренување на екстремната сиромаштија и гладта. Под тоа се подразбира преполовување на бројот на луѓе кои живеат со помалку од 1 долар дневно. Сепак во земјите на ЕУ кога се зборува за сиромаштија најчесто се мисли на релативна сиромаштија.

Релативна сиромаштија се однесува на начинот на живот и примањата кои за некои луѓе се многу полоши од општиот стандард во дадена земја, што доведува до потешкотии во секојдневниот живот и нивно исклучување од учество во економските, социјалните и културните активности. Тоа секако варира од земја до земја во зависност од стандардот на остатокот на населението. Релативната сиромаштија, исто така, е сериозна и штетна, иако не колку апсолутната.
Во ЕУ има и друга дефиниција за релативна сиромаштија:
Сиромашни се сметаат луѓе чии примања и ресурси се неадекватни во однос на стандардот кој се смета за прифатлив во средината во која живеат. Поради сиромаштијата, тие се соочуваат и со други непријатности поради невработеноста, ниските примања, лошото стамбено прашање, неадекватната здравствена заштита и ограничувањата во однос на учење, културен живот, спорт и рекреација. Тие се често исклучени од активности (економски, социјални и културни) кои им се на дофат на другите и нивниот пристап во остварување на фундаменталните права со тоа е ограничен.

Активна мерка за елиминирање на апсолутна и релативна сиромаштија е Минимален достоинствен приход.

Минималниот достоинствен приход:

  •  Е —клучен инструмент во спречувањето на сиромаштијата и социјалната исклученост, сè додека средствата се доволни за да ги извлечат луѓето од сиромаштија.
  • —Нуди долгорочна сигурност што е потребна на патот кон вработување, поголемо општествено учество или други видови вклученост.
  • — Овозможува социјалната вклученост на луѓето за кои вработувањето не е опција, дали поради инвалидност, долготрајна болест или проблеми со менталното здравје, обврски кон старите или семејството или каде што нема пристап до квалитетни работни места.

 

Што е социјална исклученост?

Терминот социјална исклученост (ексклузија) се однесува на процесот кој доведува одредени граѓани или групи да се најдат на работ на општеството, лимитирајќи го нивниот пристап кон ресурси и можности и ограничувајќи го нивното учество во социјалниот и културниот живот, што за последица има нивно маргинализирање и дискриминирање.

Друг често користен термин поврзан со сиромаштијата е ранливоста. Луѓето се во ранлива ситуација кога нивната лична благосостојба е ставена во ризик поради недостигот од потребни ресурси, со што имаат ризик од долгови, болести, недостаток од образование и живеат во неадекватни домови и опкружување. Сепак, не сите луѓе кои се во ризик од социјална исклученост или ранливост се сиромашни.

Advertisements
 
Напишете коментар

Posted by на Септември 23, 2013 in Uncategorized