RSS

Monthly Archives: Мај 2012

Потрошувачката кошничка во Македонија околу 500 евра

Со околу 500 евра месечна потрошувачка кошничка и околу 330 евра просечна плата, македонско четиричлено семејство едвај го преживува месецот, сметаат експертите. За разлика од останатите земји од регионот каде целосно се пресметуваат трошоците на живот, во Македонија се пресметуваа само трошоците за храна и пијалоци. Порасди тоа, статистички македонците имаа најниска поттошувачка кошница.

За основните животни потреби Србите месечно трошат околу 510 евра, Црногорците околу 790 евра, граѓаните на Босна и Херцеговина 870 евра, а најмногу трошат Хрватите, околу 900 евра.

Но, наспроти најниската потрошувачка кошница, македонците имаат и најмали месечни примања, 330 евра. Просечната плата на Србите е 370 евра, додека во Босна и Херцеговина изнесува 408 евра, а нешто погиолема во Црна Гора. Најголема плата имаат Хрватите, дури 715 евра.

Со ваков сооднос помеѓу платата и трошоците за живот, македонските граѓани во полоша состојба од жителите во регионот. Континуираното поскапување на основните продукти дополнително ги загрижува граѓаните дека тешко ќе се излезат на крај доколку реципрочно не растат и платите.

Марија Мининчиќ Алфа тв

Advertisements
 
 

Се намалува наталитетот во земјава, расте бројот на разводите

Бројот на живородени деца во првиот квартал од годинава, во споредба со истиот период лани, е намален за 5,8 проценти и изнесува 5.307.

Државниот завод за статистика во првото тримесечје од годинава евидентира 5.771 умрено лице, што претставува зголемување за 9,2 проценти во споредба со истиот период од 2011.

Од вкупно починатите, 61 се доенчиња. Природниот прираст изнесува – 464 лица, што значи дека за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.

Бројот на склучените бракови во првиот квартал од годинава изнесува 2.733 и е намален за 1,4 проценти во споредба со истиот период од 2011 година. Разведените бракови пак бележат зголемување во споредба со истиот период од минатата година и нивниот број изнесува 626.

www.dnevnik.com.mk

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 29, 2012 in Општо

 

Ознаки:

Ни денар плус за десетчасовен работен ден

Дванаесетчасовна работа на градежни скелиња, покрај жешки преси за пеглање или затворени во канцеларија, без да добијат ниту денар плус за повеќето работни часови. Во ваква ситуација се голем дел од македонските работници, притиснати од газдите да остануваат на работа прекувремено и без никаков надомест.

Никој не може да изброи колку точно работници работат подолго од законски одредените осум часа дневно, а не добиваат екстра-приходи за тоа. Kако најкритични дејности од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ги издвојуваат градежништвото, текстилната индустрија, малопродажбата, угостителството, но не се изоставени ни вработените во други области. Генерално, привилегија да им бидат платени прекувремените часови имаат вработени во големите компании, особено во ИТ и во телекомуникацискиот сектор, како и во јавната администрација.

Работниците ретко пријавуваат

Според синдикалците, токму неплатената прекувремена работа е една од најчестите причини поради кои работниците бараат правна заштита и совет од синдикатот. Но најголемиот дел молчат за злоупотребата и не пријавуваат во Државниот инспекторат за труд, исплашени дека може да ја загубат и онаа месечна плата што ја добиваат.

Сепак, има и такви што се решаваат на таков чекор. Вработена во една од банките во земјава раскажува дека сите од нејзиниот сектор редовно останувале на работа два часа по завршувањето на работното време, како и по неколку часа во сабота. Раководителот ги терал да остануваат прекувремено бидејќи имало премногу работа која не можела да се заврши во регуларното време. Тоа траело половина година, а не добиле ни денар за тоа.

– Еден ден се изненадив кога на мојата сметка видов дека ми префрлиле повеќе пари отколку што ми е платата. Прашав за што се работи и ми одговорија дека трудовата инспекција ја казнила банката бидејќи некои од вработените имале прекувремени неплатени работни часови. Некој од вработените пријавил, но не се откри кој. Оттогаш раководителот буквално н` брка да си одиме по завршувањето на работното време – раскажува скопјанката Р.В.

Градежниците најзагрозени

Меѓу најзагрозените се градежните работници. Од Синдикатот за градежништво објаснуваат дека во оваа гранка законот генерално не се почитува. Особено е критичен летниот период кога поради зголемениот обем на работа работното време се продолжува и по неколку часови од регуларното, а работниците не добиваат ништо повеќе од редовната плата.

– Тогаш градежните работници остануваат на работа по 10 или 12 часа. Во компаниите кои се наши членки, а тоа се десетина големи градежни компании, со сигурност може да потврдам дека овој дел од законот се почитува. Тоа значи плаќање на прекувремената работа и слободни денови. Но во другите компании, кои најчесто се помали градежни фирми, законот флагрантно се крши – вели Павел Трендафилов, претседател на Синдикатот за градежништво.

Трендафилов објаснува дека во земјава има околу 4.000 градежни фирми. Од нив, големи компании, кои се и членки на Синдикатот, се десетина и тие вработуваат околу 30 отсто од градежните работници во земјава. Преостанатите се човек-фирми или мали компании со по неколку вработени во кои повеќето градежници добиваат минимална плата, не им се плаќаат придонеси, здравствено осигурување, па за плаќање на прекувремената работа не станува ни збор.

Дел од вината за ваквата состојба Синдикатот ја гледа во недоволната ажурност на трудовата инспекција.

– Инспекторите недоволно го покриваат теренот и не секаде ги казнуваат работодавците кои го кршат законот. Најчесто се правдаат дека немаат доволно инспектори, но тоа не е оправдување. Мора да има повеќе и поредовни контроли, како и казни – вели Трендафилов.

Трудовата инспекција од почетокот на годинава добила 21 писмена пријава за непочитување на работното време и за прекувремената работа. Во јануари и во февруари, по констатирани неправилности, инспекторите донеле 75 решенија со кои на работодавците им наложиле да ги почитуваат работното време, прекувремената работа, како и да им ги исплатат дополнителните работни часови на работниците.

Од Државниот инспекторат за труд велат дека работниците полека се охрабруваат да пријават неправилности.

– Од страна на работници има и телефонски јавувања за пријавување прекувремена работа, по кои Инспекторатот постапува – велат од трудовата инспекција.

Даница Тунтевска Вујовиќ

http://www.dnevnik.com.mk

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 28, 2012 in Општо

 

Ознаки:

Животниот стандард ни паѓа во бездна

povertu

Животниот стандард во секоја држава во светот, претставува основната благодет и мерилото за внатрешната политичка благосостојба, сочинета со глобалната примена на внатрешната политика која ја применува одредената држава. Тој, животниот стандард, игра значајна улога во креирањето и одвивањето на надворешната политика, но и во одредување на местото и улогата на државата во меѓународните односи.

Македонија, како релативно млада самостојна држава, има низок  животен стандард со висока стапка на невработеност од дури 12,5% во 2010 година и ниски примања од вкупниот годишен бруто домашен производ. Но, како ние, граѓаните и граѓанскиот сектор да придонесеме за подобрување на животниот стандард во корелација со политичката елита?

Осамостојувањето на Македонија беше преточено уште од самиот почеток со големи тешкотии, борби за подобра економска позиција и борби за признавање на суверенитетот и единственоста на Р. Македонија. Југословенската народна армија ги повлече своите трупи не оставајки никакви воени и економски добра од воено-политички аспект.

Во втората година од осамостојувањето, Македонија доби ембарго од Р. Грција за позицијата за името, што остана како конфликтно прашање  кое создава многу проблеми за интеграцијата на Македонија до ден денешен.

До 1997 година, може да се рече дека се најпродуктивните и најтешките години на младата македонска историја – добивме меѓународно признавање од некои држави кои се од клучно значење, и станавме членка на ОН. Тоа ни помогна да добиваме економски средства од меѓународните фондови, за доградување на нашата држава и поминување на транзицискиот период.

Но, штотуку помисливме да нашата држава, влегува во оној, постранзицискиот период, внатрешните и сите други фактори, покажаа дека сме на средината на долгиот и болен транзициски период. Еден од факторите беше и индикаторот за низок животен стандард, малата количина на потрошувачка домашна кошница и намалениот БДП од увозот и извозот.

kosnica

Во почетокот на новиот милениум, по конфликт-војната од 2001 година, како и сите држави од поранешните југословенски територии од 90-тите, и Македонија западна во тешка економска позиција, во кои страдаа сите жители во територијата на Македонија. Со Охридскиот Рамковен Договор, политичката елита писмено се договори да допринесе за подобрување на многу стратешки позиции и добродетели, меѓу кои беше и подобрување на животниот стандард во државава.

Сепак, нееднаквата позиција и различното гледање на „татковците на државата“ за клучното прашање за добросостојбата на Македонија, го доведе  транзицискиот период во мртва точка, а животниот стандард остана на опаднато ниво.

Менувањето на политичките елити и нивниот различен пристап кон ова прашање, допринесе и меѓународните фактори да ја сечат помошта за потпомагање  на буџетот, а со тоа и подобрувањето на животниот стандард.

Во 2008 година семејната потрошувачка кошничка изнесуваше околу 17%, а странските инвеститори гледаа оддалеку на нашата држава. По две години, со новите пакет мерки „се намали“ таканаречената невработеност, но животниот стандард продолжи да паѓа во бездна, без никој од политичката елита или од граѓанската свест да подаде рака на паднатиот животен стандард.

Во денешницата, вкупниот годишен БДП е на многу ниско ниво, иако секојдневно има странски инвестиции, а семејната потрошувачка кошница е значително незадоволителна, не дозволувајки му на обичниот граѓанин да живее достоинствен живот според правата загарантирани за зачувување на човечкиот интегритет. Проблемот со политизираноста го достигна највисокото ниво на злоупотреба, а секојдневните предизвици на граѓаните за преживување на денот го прави животниот стандард во Македонија едно од најприоритетните прашања.

Многу врзани и неврзани организации, како и многу невладини организации секојдневно се борат за подобрување на нерешливиот натежнат проблем над нашата држава, но без заедничка партиципација и сооднос со политичката елита и граѓаните и граѓанскиот сектор, овој проблем никогаш не би го нашол својот расплет. Затоа мора, граѓанскиот сектор да се разбуди од долгиот дваесет и двегодишен сон, и буквално со политичките елити и странските и домашните фактори да направи силни и големи чекори за подобрување и издигнување на нашиот пренизок животен стандард, градејки ја економијата и дигајки го вкупниот БДП со увозот и извозот на Македонија.

Славко Жарков

www.mkrevolucija.com

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 25, 2012 in Општо

 

Ознаки:

Динамичен капитализам или социјална заштита?

US Europe balance

Оние кои го фаворизираат слободниот пазар како начин за управување со економијата, честопати ги споредуваат САД и Европа. Како што велат, Европа е помалку флексибилна и помалку динамична од САД поради нејзиното посилно потпирање на социјалната заштита, заштитата на работниците и високите даночни стапки потребни да се поддржат овие програми.

Добитникот на Нобеловата награда, економистот Едмунд Фелпс тврди, на пример, дека „системот на слободни претпријатија е структуриран на таков начин што ја олеснува и стимулира динамичноста додека континенталниот систем го попречува тоа“. Според Фелпс и останатите, поголемата доверба во слободниот пазарен систем во САД резултира со побрз и поголем економски раст.

Овде се имплицира трговска размена. Во системот на САД, работниците имаат помала заштита, а оттука и поголема несигурност отколку во земјите каде заштитата е поизразена. За возврат, им се ветуваат две придобивки.

Прво, се смета дека економскиот раст ќе биде повисок. Со помала владина вмешаност и помали даноци, економијата ќе биде слободна да го достигне својот растечки потенцијал.

Второ, економијата ќе биде постабилна. Ако ја удри голем економски шок, САД ќе бидат способни да го вратат полното вработување преку нови, продуктивни високоплатени работни места побрзо отколку земјите со голема социјална заштита и флексибилноста на рестриктивните институции кои доаѓаат со нив.

Ако овие две придобивки се големи, тогаш дефинитивно ќе се исплати жртвувањето на сигурноста за динамичност, флексибилност и повисок раст. Па, дали економијата ги задоволува овие ветувања?

Euro-Crisis-

Свртувајќи се најпрво кон растот, постои причина да прашаме дали е вистина дека, пред Големата рецесија САД ја надмина Европа во производството? Ако е така, а има неколку докази кои укажуваат на ова, разликата е релативно мала и истата се намалуваше во минатата декада.

Но дури и ако растот беше малку повисок во САД, придобивките не стигнаа до домаќинствата, до пониските слоеви на распределбата на добивката, кои на свој грб најмногу ја чувствуваат зголемената несигурност. Наместо тоа, добивките отидоа најмногу кај оние на врвот.

А што со останатите ветени придобивки од слободниот пазар како начин на управување на економијата, што со подобрата способност да одговори на економските шокови? Дали САД ја поминаа Големата рецесија подобро од европските земји?

САД покажаа подобри резултати за разлика од некои европски земји за време на кризата, но и полошо од останатите. На пример, усогласените стапки на невработеност од Бирото за трудова статистика и од Еуростат, покажаа дека стапката на невработеност во САД е повисока од таа во Германија, Холандија, Австрија, Белгија, Данска, Финска и Шведска. Но, истовремено, САД има помалку невработени од Грција, Шпанија, Ирска и Португалија, малку помалку од Италија и речиси на исто ниво со Велика Британија.

Со таков измешан исход, тешко е да се поддржи тврдењето дека пристапот за слободен пазар кој се појави во 1970-тите ги задоволи ветувањата за подинамична, пофлексибилна и побрзорастечка економија.

И заклучокот е дури и потежок да се направи, кога е вклучен фактот дека дерегулацијата на економијата помогна да се произведе станбениот меур.

Но, дали моделот на социјална заштита кој го фаворизира Европа е одговорот? Зар не е факт дека Европа има толку многу докази против идејата дека европската верзија втелемена на социјална сигурност функционира?

domino090611

Не, ако евиденцијата е интерпретирана правилно. Постои многу мала поврзаност помеѓу степенот на социјалната заштита и последователниот суверен должнички проблем. Всушност, има мала хетерогеност ширум Европа, и земјите со најголема социјална заштита, како Данска, Шведска и Германија најдобро ја издржаа рецесијата, додека оние со најмала, како Грција и Италија, се најзаглавени.

Посилна социјална држава не доведе до должничка криза, но доведе до суштинска заштита за време на рецесијата и многу подобри перформанси од оние во САД.

Не зборувам за тоа дека ние треба да ги имитираме институциите во Европа. Некои работеле, некои не. Сето тоа што функционира во Европа немора да значи дека ќе биде функционално и во САД. Но, има од каде да се научи доколку сепогледне на вистинското место, како на пример флексибилноста во Данска и споделувањето работни места во Германија, а потоа да ги примениме на начин на кој што би функционирале овде. Постои отворена можност тоа да се докаже.

За жал, буџетот на САД не дозволува да се одржуваатпостоечките програми за социјално осигурување, ниту пак да се подобрат, особено што тоа ќе резултира со повисоки даноци.

Сепак да ја оставиме политичката реалност на страна. Повеќе од јасно е дека нам ни треба поголема, не помала социјална заштита на населението.

Несигурноста беше премногу висока за време на рецесијата, но останува иста и денес. Како и да е, мора да се најде начин сето ова да се подобри.

Извор: The Fiscal Times

Превод: Славица Ѓоргиева

 www.mkrevolucija.com

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 24, 2012 in Општо

 

Социјална и здравствена заштита само во Уставот

New Picture 6

„Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава; да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта; да се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност; да се обезбеди мир и сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија и да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.“- овие реченици стојат во преамбулата на Уставот на Република Македонија.

Одлучувајќи се за независност и за формирање на сопствена држава, првите парламентарци, „градителите“ на нашата држава, ја имале оваа визија за земјава.

Колку сме само далеку од таа првична слика и замисла? Колку сме само далеку од праведна, социјална и хумана држава, во која се почитуваат човековите права и секој граѓанин има еднаков пристап до државните благодети? Колку сме само далеку од држава, чии институции се придржуваат кон основните вредности на демократија, солидарност и рамноправност? Па, да се запрашаме: дали Уставот е темел на кој го градиме нашето општество или само паушални реченици изговорени и напишани на парче хартија пред 20 години?

Немаме социјална праведност

Првиот член од Уставот гласи: „Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава“.  Аналогно на ова, во Македонија би требало неспорно да царува социјалната правда.

Социјална правда е состојба во која повеќето или сите членови на општеството ги имаат истите основни права, можности, обврски и социјални бенефиции.

Во социјална држава треба на сите да им биде обезбеден еднаков пристап до работа, социјална заштита, здравје, домување, образование, културна реализација. Треба да постои солидарност со ранливите групи во општеството, а и со работниците, пензионерите, невработените, студентите и тоа е гаранција на социјална и политичка стабилност на општеството. Но, кај нас има сосема спротивна ситуација.

Во Законот за Социјална заштита, член 2 се вели:

„Социјалната заштита е систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита.“

Потоа во членот 3 се додава:

„Републиката се грижи за социјалната заштита на граѓаните, согласно со начелото на социјална праведност.“

Дали сите ние имаме еднакви можности за живот и напредок, дали имаме социјална праведност? Дали државата соодветно им помага на луѓето, на кои ваквата заштита им е потребна и неопходна?

New Picture 3

Постоечката економска криза и кризата со работните места ја направи нашата постојана битка за социјална правда потешка, но и уште поважна. Знаеме дека еден од најдобрите начини да се дојде до социјална правда е пристојната работа, достоинство на работата, достоинство на човекот, стабилност на семејството и мир во заедницата. Клучно е да во државата постои вистинско владеење на правото, функционален законски систем, борба против организираниот криминал, корупцијата – со што ќе се остваруваат основните принципи на социјална држава: слобода, демократија и солидарност.

Кај нас скоро и да е уништена средната „класа“, среќаваме екстремно богати или екстремно сиромашни луѓе, кои се сé побројни во нашето општество. Во исто време е намалено нивото на социјалната заштита на населението, зголемени се социјалните разлики и видливо е зголемен бројот на жителите, кои живеат под прагот на сиромаштијата.

Ваквата состојба влијае врз губењето на довербата на граѓаните во политчките и економски елити на земјата. Граѓанскиот статус кој на секоја индивидуа и група треба да ñ обезбеди активно влијание врз обликувањето на својот живот и условите за влијание врз сопствената судбина е деградиран. Неправдата и понижувањата се секојдневни, а социјалната правда и социјална заштита се оставаат на маргините.

 

Социјалната помош е недоволна

Постојаниот паричен надоместок што го исплаќа државата, во зависност од социјалната загрозеност на семејството, се движи од 2.500 до 5.500 денари месечно. Лицата треба секоја година да поднесуваат барање за социјална помош, а на тоа немаат право ако поседуваат два стана, куќи или викендичка, деловен простор или возило, земјиште, добиток или ако имаат заштеда од над 50.000 денари. Доколку го продадат возилото, според законските мерки, ќе им престане правото на социјална помош во наредната година. Сведоци бевме на укинување на помошта на илјадници социјални случаеви, кои на некој начин се дограбиле до пари, работејќи сезонски на само неколку месеци или продавајќи мал дел од одгледуваните земјоделски производи. Значи, ако сакате социјална помош – не се обидувајте да дојдете до друг вид на приходи!

A, за што попрво да се потрошат тие неколку илјади денари? Дали за сметките кои постојано растат, дали за храна, дали да се замени веќе распаднатата облека, дали за образование? Дали…

smetki

Со мизерните неколку илјади денари не се покриваат ни 5% од месечните трошоци, а пак,  да не зборуваме за водење на еден нормален и просечен живот, обезбедување потребна лекарска нега (бидејќи сé не е покриено со здраствената заштита) или, пак, можност за високо образование.

Каде е тука социјалноста, каде е тука социјалната заштита, која ја гарантира нашиот Устав?! Нехуманите слики на луѓе кои просат за парче леб, луѓе кои живеат во мизерни услови, луѓе кои буричкаат по контињерите за да се прехранат, повеќе не се необични во нашето општество.

Право на здравство, но какво?

Членот 39 од Уставот на Република Македонија вели: „На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.“

Значи, Уставот на РМ, меѓународните акти, Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, подзаконските акти и другите правни прописи, треба да обезбедат правна поддршка за гарантиран и одржлив здравствен систем, но реалноста покажува сосема различно нешто.

New Picture

Здравственото осигурување претставува една од суштествените потреби на денешниот човек, кој сé почесто е соочен со здравствени проблеми, а како резултат на тоа и со трошоци за лекување, преку кои определени индустриски гранки изградија цели технолошки и финансиски империи. Основна цел на здравственото осигурување и заштита е да се обезбеди сигурноста на човекот во ситуации кои се сé поизвесни, како од аспект на здравјето и медицината, така и од финансиски аспект.

Значи, Уставот гарантира право на здравствена заштита (некаде целосна, некаде половична, некаде минимална), но гарантира. А, каква здраствена заштита се нуди во Македонија е друго прашање. И покрај тоа што се гарантира оваа право, не се гарантира еднаков пристап до КВАЛИТЕТНОТО здравство.

Интересно е дека Законот за здравствена заштита и здравствено осигурување, кој е донесен во 2000 година, до денес е менуван седумнаесет пати, а Уставниот суд на Република Македонија во девет наврати има донесено одлука за укинување на негови одредби. Сето ова ни кажува дека здравството е во критична состојба и тешко успева да се извлече од хаосот во кој се наоѓа.

Лекарите се чувствуваат омаловажени и депримирани, пациентите се незадоволни и се жалат за негрижа. Се влошува состојбата на јавното здравство. Одлевањето на стручен кадар од јавните во приватните клиники не престанува; инфраструктурата на здравствените домови е пред распаѓање; клиниките веќе подолг период се соочуваат со нехигиена, катастрофални услови, бубашваби и лебарки; сé повеќе трошоците за лекување паѓаат на товар на пациентите.

И покрај тоа што имаш право на здравствена заштита и некој вид на осигурување, кога (не дај Боже), те сместат во болница, медицинската сестра првин ти дава листа на лекови, инекции, инфузии – кои треба да ги купиш, под изговор дека „Тие ги немаат“, ќе купуваш дури и шприцеви и игли, а уште недостига да ти кажат „Ај, сега сам боцни се!“.

На крајот ја добиваш дебелата болничка сметка, како шлаг на тортата.

New Picture 1

Граѓаните сметаат дека корупцијата е најголем проблем во нашето здравство. Дури тројца од секои десет анкетирани граѓани ја посочуваат корупцијата како главна причина за лошата состојба на јавното здравство. Со голема разлика на второ место е несовесното работење на здравствените работници, а дури потоа политичкото влијание во здравството, слабите реформи, превработеноста, несоодветниот кадар итн. Ова го покажуваат резултатите од најновата анкета што ја спроведе агенцијата „Рејтинг“.

Здравството во изминатиот период беше во центарот на вниманието на јавноста. За тоа придонесоа аферите со повеќе смртни случаи на пациенти, потоа притворањето на осомничени за мито за одобрување инвалидски пензии, аферата со празните аптеки и намалените квоти за лекови од позитивната листа, долгото чекање за неопходните прегледи, новите правила за издавање лекови, тендерот за набавка на медицинска опрема, кој од првичните 48 милиони евра се зголеми на 68 милиони евра, стравотните состојби во психијатриските болници… Оттаму, за познавачите не изненадува ваквата негативна перцепција кај граѓаните.

Како и да ја вртиме работата, се соочуваме со сериозна криза во државното здравство, која е толку голема што резултира со одлив на голем процент на пациенти, а и лекари, кои одат во приватното здравство. Затоа, оние со подлабок џеб дирекно одат во приватните здравствени установи. Е, таму да е поскапо, поскапо е, но барем знаете дека добивате квалитено здравство и ја добивате потребната и соодветната нега и услуга.

На крај, можеме да кажеме дека пристапот до здравствената заштита не е за сите еднаков (и покрај тоа што Уставот тоа го гарантира). Ако имаш пари, ќе имаш квалитетна здравствена заштита! Ако не, уште повеќе ќе си го влошиш здравјето, справувајќи се со хаосот во јавното здравство што ни го нуди државата.

Права само на хартија

Работите треба да се сменат. Уставот на Македонија има прекрасна визија за земјата, но таа визија од хартија треба да се префрли во реалноста. Социјалната и здравствена заштита одлично функционираат само во тероија, а во праксата е малку поинаку. Граѓаните имаат право да бараат да се почитуваат законите и да се почитува Уставот, како највисок правен акт на државата. Граѓаните имаат право на достоинствен живот со еднаков пристап до поволностите и заштитата на државата.

Елена Павловска

www.mkrevolucija.com

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 23, 2012 in Општо

 

Ознаки:

Економско-социјалните совети во Европа

eec

Во повеќето европски земји социјалниот дијалог е процес што нема друга алтернатива. По дефиниција опсегот на работа на Економско-социјалниот совет (ЕСС) е идентичен со самиот социјален дијалог: комуникација меѓу владата, синдикатите и работодавачите, редовна размена на мислења со цел наоѓање компромиси, трипартитно одлучување, политички решенија, постигнување социјален мир, учество и мислења за законите.

Примарниот принцип на ЕСС е консензус, што е различно од  другите начини од одлучување, кои се карактеризираат со надгласување.

Во ЕВРОПСКАТА УНИЈА од 1957 година дејствува Економско – социјалниот комитет. Има 222 члена, кои ги именува Советот на ЕУ, на предлог на владите на државите членки.

На национално ниво социјалниот дијалог е уставна категорија и тој се одвива по правило преку економско социјалните совети. Во развиените европски земји овие совети имаат важна улога, додека истото се очекува и од новите членки од источниот дел на континентот, како  и од земјите кои настојуваат да влезат во европското друштво.

Називите на институциите се разликуваат, а има големи разлики и според составот. Во некои земји се вклучени независни стручњаци, во други владата има помала улога или воопшто не партиципира, но суштината е секаде иста.

СРБИЈА: Сојузот на самостојните синдикати на Србија воглавно не е задоволен од функционирањето на Социјално – економскиот совет. Така во еден наврат синдикатот одлучи да не учествуваат на седницата на Социјално – економскиот совет, поради тоа што Владата не покажува интерес за социјалниот дијалог. Српскиот синдикат исто така  побара во работата на институцијата и во потпишувањето на општиот колективен договор да присуствуваат премиерот и претседателот на земјата. Условите се доста слични со Македонија, но и Србија ќе мора да стори нешто повеќе со приближувањето кон Унијата.

ХРВАТСКА: Функцијата социјален дијалог се извршува преку две тела, Стопанско – социјално собрание (Господарствено – социјално вијеќе) и Канцеларија за социјално партнерство. ГСВ е основано во 2001 година, составено е од 18 членови, по шест претставници на синдикатите (од шесте репрезентативни синдикати), од Хрватскиот сојуз на работодавачи и од претставници на Владата.

Владата на Хрватска формира Канцеларија за социјално партнерство како поддршка на ГСВ. Канцеларијата работи за Владата и прави студии за социјалните состојби, како за положбата на жените, правата на невработените приватизацијата, политиката на пазарот на трудот и слично.

БУГАРИЈА: Економско и социјален совет на Бугарија е основан во 2003 година. Пред тоа постоеше Национален совет за трипартитна соработка. Задача на советот е да овозможи социјален дијалог на различните општествени структури. Има 36 членови, поделени на три групи, со по 12 претставници од синдикатите, од работодавачите, додека третата страна не е Владата, туку од  здруженијата за земјоделците, потрошувачите, организациите за рамноправност на жените, еколошките организации и други цивилни организации.

РОМАНИЈА: Во 1997 година е основан Економски и социјален совет, чија цел е советничка улога во економската и социјалната политика. Има медијаторска улога при конфликтите меѓу социјалните партнери и го промовира социјалниот дијалог. Советот има 27 членови, од кои девет се претставници на националните синдикални федерации, девет претставници на работодавачите и девет претставници на Владата. По препорака на Европската Унија е формиран Заеднички консултативен комитет на Романија, со цел соработка на Економскиот и социјалниот совет со Европскиот економски совет.

ДАНСКА: Данскиот економски совет е основан во 1962 година. Има 29 членови, претставници на синдикатите, работодавачите, владата, Централната банка и независни експерти. Со Советот претседаваат тројца независни претседатели. Советот се состанува двапати годишно, при што се разгледуваат економските анализи, економската политика на владата и проценки за наредните две до три години. Некои од темите во последните години се јавните трансфери и државата на благосостојба, политиката на конкуренција, образованието, пазарот на трудот, даночниот систем и слично.

ИРСКА: Национален економски и социјален совет е една од организациите заслужни за ирското економско чудо. Советот е основан во 1973 година и има 30 членови: пет од Ирскиот конгрес на синдикатите, пет од земјоделските и фармерските организации, пет од организацијата на работодавачите, пет од општините, невладините организации и доброволните организации. Од Владата има 10 претставници, меѓу кои се секретарите на министерствата за финансии, за претприемништво, трговија и вработување, на јавните претпријатија и семејни прашања и претставници на локалните власти. Задача на Советот е да развива рамки за преговори на социјалните прашања и да го известува премиерот за стратешките прашања околу економијата и социјалната правда.

ИТАЛИЈА: Од 1957 година постои Национален совет за економија и труд. Советот е формиран како консултативно тело на Парламентот и Владата за економски и социјални прашања. Институцијата има право да иницира закони за економијата и трудот и да учествува во нивното подготвување. Улогата е проширена со одржување форум за преговори на социјалните партнери.

Советот се реизбира на пет години, а го сочинуваат советници, од кои 44 се  претставници на синдикатите, 18 се самостојни претприемачи, 37 се претставници на индустријата и на јавните претпријатија, 11 се претставници на социјалните служби и волонтерските организаци и 12 се независни експерти од сферата на економијата, правото и социјалните прашања.

МАЛТА: Советот за економски и социјален развој е основан во 2001 година. Има 14 членови, од кои четири се претставници именувани од националните работнички организации, пет претставници на организациите на работодавачи и пет претставници на владата (министерот на финансии, министерот за семејство и социјална солидарност, министерот за здравје, претставник на Отсекот за економска политика и гувернерот на Централната банка.  На чело на Советот е претседател, кој секогаш е експерт од областа на економијата и трудовите односи. Советот има три комисии и Постојан комитет на цивилното општество, во чија работа повремено се вклучуваат други организации, како организации на младите и на потрошувачите.

ПОРТУГАЛИЈА: Економски и социјален совет. Основан е во 1991 година и има задача да дава мислења и предлози за економската и социјалната политика, да завзема ставови и да овозможува социјален дијалог. Има по осум членови од работничките организации, од работодавачите и од владата, но членуваат и претставници на други институции. После Собранието, претседателот и одборите, доста значајно тело е Постојаниот комитет за социјален дијалог, чии активности придонесоа за потпишување на бројни бипартитни и трипартитни спогодби. Предметот на тие спогодби со време се прошири од основните прашања на платите и условите на работа, до прашања за политиката за вработување, за професионално усовршување и модернизација на системот на социјална заштита.

ФРАНЦИЈА: Економски и социјален совет е тело основано во 1958 година, додека првото трипартитно тело, Национален економски совет, е основано во 1925 година. Советот има 231 член, од кои 163 се директно именувани од повеќе организации – синдикати, приватни претприемачи, индустриски здруженија, организации од трговијата, занаетчиството, земјоделството. Претставници на власта се 68, потоа 17 на државните компании, комуналните групи и иселениците, девет се од прекуокеанските територии, двајца од станбената изградба и банките и 40 се независни експерти.

ХОЛАНДИЈА: Социјален и економски совет, основан во 1950 година, има 33 членови, по 11 од синдикатите, работодавачите и од независни експерти, најчесто универзитетски професори. Експертите ги поставува Круната и тие не се членови на владата. Холандскиот совет се финансира од извори од стопанството, а негови задачи се да дава совети до владата, да дава поддршка на законите, да врши надзор врз здружувањето во стопанството и да ја унапредува соработката на организациите.

Економско социјален совет во Македонија

На 25 август 2010 година е потпишана Спогодба за основање на Економско – социјалниот совет.

Потписници се Владата на Република Македонија, Сојузот на синдикати на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија.

Трите социјални партнери учествуваат со по четири члена во Економско – социјалниот совет. Од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија членови во ЕСС се вршителот на должноста претседател на ССМ Живко Митревски и претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) Пеце Ристевски. Нивни заменици за ЕСС се Анѓелко Анѓелковски, секретар на ССМ и претседател на Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на Македонија и Тихомир Климовски, претседател на Македонскиот полициски синдикат.

Со основањето на ЕСС е отворена нова етапа во водењето социјален дијалог на национално ниво.

Имено, Економско – социјален совет за прв пат е основан на 30 декември 1996 година, со тоа што оваа институција практично не заживеа до 2010 година. Причините беа во назаинтересираноста на досегашните влади, исто така и на неединството и спротивставеноста на синдикалните организации, како и на нејасните критериуми на нивната репрезентативност. Од страна на третиот партнер, работодавачите, причините беа во доцнењето на организирањето на асоцијација на работодавачите. Но воглавно најголемата причина е непостоењето политичка волја, што беше карактеристично за сите три страни.

Оваа состојба беше постојано критикувана од институциите на Европската Унија, што посебно доби на интензитет последните две до три години. Вистинските чекори и подготовки беа покренати минатата година, со измените на Законот за работни односи.

Првиот чекор беше дефинирањето на условите за репрезентативност на синдикатите и на организациите на работодавачи, за што се направени измени и се вметнати одредби во Законот за работни односи. Критериумите за репрезентативност на синдикатите се дадени во членовите од 211 до 220 во Законот за работни односи, кои се службено објавени на 5 февруари 2010 година. Покрај другите услови, законот одредува дека репрезентативен синдикат на национално ниво е синдикатот кој здружува најмалку 10 отсто од вкупниот број вработени во Република Македонија.

На 23 јули 2010 година од Министерството за труд и социјална политика решение за репрезентативност добија Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати. Решение за репрезентативност во исто време доби и Организацијата на работодавачи на Македонија. Со тоа се создадени услови за конечно конституирање на Економско – социјалниот совет.

На 25 август е потпишана Спогодбата за основање, додека на 15 септември 2010 година е одржана првата конститутивна седница на советот.

Подготви: Елена Павловска

                                                                                                                    http://www.mkrevolucija.com

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 21, 2012 in Општо

 

Ознаки: