RSS

Monthly Archives: Март 2012

Комисијата за заштита од дискриминација апелира за почитување на сите човекови права

По повод Меѓународниот ден за елиминирање на расна дискриминација – 21 март, Комисијата за заштита од дискриминација повика на почитување на достоинството и правата на секој човек.

Комисијата за заштита од дискриминација апелира за почитување на сите човекови права

По повод Меѓународниот ден за елиминирање на расна дискриминација – 21 март, Комисијата за заштита од дискриминација повика на почитување на достоинството и правата на секој човек.

По повод Меѓународниот ден за елиминирање на расна дискриминација – 21 март, Комисијата за заштита од дискриминација повика на почитување на достоинството и правата на секој човек.

Комисијата, во денешното соопштение, посочува дека на овој ден, во 1966 година, Генералното собрание на Обединетите Нации ја повикало меѓународната заедница да ги дуплира своите напори за спречување на овој вид дискриминација.

– Во модерното поимање на дискриминација, на расата, како основа за дискриминација, се гледа како поим кој во себе, меѓу неколку други, ја опфаќа и етничката припадност. Во тој контекст, Комисијата за заштита од дискриминација посочува дека расната и етничката еднаквост се фундаментални придобивки на модерната светска цивилизација, а како такви се ставени на пиадестал и во Република Македонија. Со оглед на вековниот меѓуетнички соживот во нашата земја, Комисијата повикува на почитување на достоинството, правата и еднаквоста меѓу припадниците на сите етнички заедниц, се вели во соопштението.

Во него се додава дека во изминатава година, со формирањето и работата на Комисијата за заштита од дискриминација,  е направен значаен напредок на полето на спречување и заштита од дискриминација.

– Со самото формирање, Комисијата е централниот национален авторитет, како за спречување и заштита од дискриминација, така и за афирмација на концептите на еднаквост, недискриминација и толеранција. Во првата година од постоење, до Комисијата, доставени се 60 претставки. Тоа е потврда за свесноста на граѓаните за нивните права, за решителноста која ја поседуваат, како и за храброста која ја демонстрираат во борбата за остварување на своите човекови права. Токму тоа, како и резултатите од досега решените претставки, претставуваат охрабрување за сите кои имале недоверба кон институциите, се истакнува во соопштението од Комисијата за заштита од дискриминација.

Advertisements
 
Напишете коментар

Posted by на Март 23, 2012 in Настани

 

БЕЗДОМНИЦИ И ПО ДЕВЕТ ГОДИНИ ПО ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР

Лазар Богдановски девет години живее во интернатот „Здравко Цветковски“, заедно со сопругата и двајцата синови. Од Арачиново заминаа во јули 2001-ва година, откако од гранати целосно беше разурната нивната куќа. Во меѓувреме, синовите станаа студенти, а сите заедно ги стегна голема сиромаштија, зашто месецот не се крпи со плата од 10 илјади денари. Денес целото семејство е стеснето во четири ѕида, па Лазар со тага се сеќава на убавите времиња, кога како староседелци на Арачиново тој и тројцата браќа решија да изградат, секој за себе, по една голема, убава куќа.

 

-Имавме куќа од 360 м2, сега живееме во соба од 10 м2. Државата на нас гледа како на луѓе од пониска класа, или пак се работи за нешто друго, некакви други интереси, вели Бодановски.

 

Куќа немаме, арачиновци не не сакаат, а државата не отпиша, вели Богдановски. Како пример дека нема назад тој посочува на еден од браќата, вели, кога имаше странски донации за повратници, делумно нему му беше обновена куќата.

 

-Но, што се случи? Набрзо куќата му ја запалија. Нема враќање за нас. Таква е состојбата, вели Богдановски.

 

Здружението на раселените лица од Арачиново „Зора“ упати порака до домашните и странски фактори со која алармира дека и по девет години не е реализиран анексот Ц, точка 3 од Рамковниот договор каде е предвидено враќање на раселените лица или нивно обесштетување.  Јана Петрушевска, која раководи со работата на здружението, вели дека Зора уште од 2003-та година води битка по судовите, зашто,  зашто како што нагласува, според законот, државата е должна да го заштити или компензира имотот. Постојат четири правосилни пресуди, но покрај ниската материјална отштета, судот не ги признава каматите од денот на штетата, туку од денот на судската одлука во 2008година.

 

-Пресудите не го почитуваата Законот за облигациони односи, нас мора да ни се признае отштета од денот на нанесената штета, вели Петрушевска и додава дека се работи за смислена тактика за да не се обесштетат луѓето, а на 2001 година да и се даде друга димензија.

 

Освен тоа, вели Петрушевска, не се признава нематеријалната штета, стрес, болка, загуба, како да е потребно човек да загубил дел од телото за судот тоа да го признае. Таа нагласува дека ќе се жалат до Врховниот суд, а потоа како опција е Судот во Стразбур, каде досие е отворено уште пред шест години. Денес во Арачиново се вратени само три семејства, а во колективните центри и сеуште живеат 250 арачиновци, и уште 500 лица од другите некогашни кризни места – аргумент повеќе за критичарите на државата во однос на спроведувањето на Охридскиот договор.

 Телма тв

 
Напишете коментар

Posted by на Март 22, 2012 in Сиромаштија

 

Лицата во социјален ризик ќе добијат народни кујни и во рурална средина

Отворање нови народни кујни во руралните средини, како дел од проектот на Владата преку кој се обезбедува храна за лицата кои се изложени на социјален ризик, најави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски при денешната посета на Народната кујна која функционира во општината Центар.

Ние како Влада одлучивме да го прошириме проектот и да почнеме да отвораме народни кујни во руралните средини, кои се оддалечени од централните градски подрачја. Со тоа на лицата во социјален ризик кои живеат во таквите средини би им се овозможил полесен пристап до храна. Очекувам дека на ваков начин ќе се зголеми опфатот на бројот на корисници и оти може да се постигне многу поголем квалитет при реализацијата на овој проект, рече министерот Ристовски.

Во текот на годинава планирано е да бидат отворени три народни кујни во рурални средини во општините Василево, Градско и Карбинци.

Министерот за труд и социјална политика информира дека во моментов функционираат 39 народни кујни во градски средини, чии корисници се повеќе од 3.700 граѓани.

Најголем број корисници на услугите на народните кујни, односно околу 1.200, рече, се на територијата на градот Скопје, каде функционираат народни кујни во шест општини.

 
Напишете коментар

Posted by на Март 17, 2012 in Сиромаштија

 

Борбата против трговијата со луѓе во Македонија покажува позитивни резултати

Во извештајот на американскиот Стејт департмент, Република Македонија повторно се најде меѓу земјите кои целосно ги исполнуваат критериумите и стандардите за борба против трговија со луѓе.

Изминатата 2011 година се остварени најзначајните стратегиски заложби за борба против трговијата со луѓе согласно Националната стратегија и Националниот Акционен План, истакна денеска на прес – конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со годишните извештаи за ситуацијата со трговијата со луѓе во Република Македонија за 2011 година.

Во извештајот на американскиот Стејт департмент, Република Македонија повторно се најде меѓу земјите кои целосно ги исполнуваат критериумите и стандардите за борба против трговија со луѓе, отворен е и Центар за заштита на жртви на трговија со луѓе, а се идентификувани вкупно 11 жртви на трговија со луѓе, од кои 6 се малолетни, а две се странски држвјанки. Во 2010 година, информира таа, се идентификувани 12 жртви, а во 2009 осум жртви.

Првпат во Македонија, потенцира Јанкулоска, МВР поднесе 15 кривични пријави за корисници на сексуални услуги од малолетни лица, откриени се тројца полицајци кои тргувале со луѓе и криумчареле мигранти, а кривично се пријавени 35 лица, од кои на 16 им се одредени затворски казни. Во 2012 година кривично се пријавени 25 лица, од кои 16 ги издржуваат затворските казни.

– Владата на Република Македонија и оваа година ќе ги смета за приоритетни проектите за заштита на трговијата со луѓе со оглед на фактот дека Македонија претставува земја на потекло и дестинација на жртви на трговија со луѓе кои изминативе 6 години се доминантно домашни малолетни државјанки, рече министерката Јанкулоска.

Таа информира дека ќе се пристапи и кон креирање на нов Акционен план 2012-2015 во соработа со Германското друштво за меѓународна соработка.

На планот на истраги и гонење на сторителите на кривични дека од областа на трговија со луѓе, најави министерката Гордана Јанкулоска, ќе се продолжи со ист интензитет како и досега со цел заштита на интегритетот на жртвите од овој сериозен криминал.

Извор:Прес24

 
Напишете коментар

Posted by на Март 12, 2012 in Uncategorized

 

Почина бездомник во центарот на Скопје

Почина бездомник во центарот на Скопје

Во непосредна близина на Градскиот трговски центар, почина бездомник. Мртвото тело на непознатиот маж легнато до една од трафиките во Жена парк, спроти ресторанот “Национал”, го пронајде обезбедувањето на Трговскиот центар. Тие ја повикаа полицијата и Брзата помош кои веднаш пристигнаа на местото каде што лежеше бездомникот покриен со ќебиња. Лекарите само констатираа смрт. Засега сe уште не се познати причините за неговата смрт, ниту пак се знае неговиот идентитет.

Смртта на бездомникот наиде на револт кај вработените во Трговскиот центар. Според нив, тие пет дена се јавувале кај надлежните институции и барале од нив бездомникот да биде згрижен.

“Човекот умре поради негрижа на државата”, револтирано вели една продавачка од дуќаните во непосредна близина на Трговскиот центар. Таа неколкупати се јавила во Брза помош и алармирала дека здравствената состојба на бездомникот е загрижувачка и барала од нив да му биде укажана лекарска помош. “Кога им кажав дека се работи за бездомник, тие само ми рекоа: ‘Па тој нема здравствено осигурување. Извинете, не можеме ништо да помогнеме оти нема кој да ги намири лекарските трошоци”, револтирано вели продавачката и јавно праша: “Кој сега ќе ги намири трошоците?”, покажувајќи со прстот кон лекарите од Брза помош, кои во тој момент ја констатираа смртта на бездомникот.

Тие побарале помош и од Центарот за социјални работи и од Црвениот крст. Одговорите што ги добиле биле шокантни. “Кога се јавив во Црвениот крст и им кажав дека човекот пет дена е гладен, спие на улица и дека е тешко болен, од службеничката добив одговор од кој се шокирав. ‘Не плашете се, госпоѓо. Ноќите сега не се толку ладни, нема да смрзне’. По ова јас ја прашав дали тие би спиеле на улица? Во тој момент таа ми го затвори телефонот”, потресена и низ солзи раскажува друга продавачка.

За состојбата на бездомникот, кој бил на возраст од околу 60-ина години, бил известен и Центарот за социјални работи. Од таму им било речено дека ќе излезат на терен и ќе видат што можат да направат. “Наредниот ден забележавме како кај човекот дојдоа две момчиња кои носеа актовки во рацете. Едниот од нив го клоцна човекот кој лежеше на асфалтот. Слушнав како му рече на другото момче: ‘Жив е, мрда, ајде да си одиме’. Не знам дали тие беа од социјалното”, раскажува продавачката.
Вработените од Трговскиот му давале топол чај и храна и секојдневно се јавувале кај институциите и барале помош, но велат дека им е жал што не успеале да го спасат несреќниот човек.

(П.А.Л.)
Фото: В. Тануровски

Извор:Вест

 
 

АНKЕТА НА ИНСТИТУТОТ „ПРОГРЕС“

На половина од граѓаните платата им стасува само за храна и за сметки

Речиси половина од граѓаните со месечните примања може да купат само храна и да ги платат сметките. На третина од граѓаните парите заработени во текот на месецот им стасуваат само за храна, покажа најновата анкета што ја спроведе Институт за социјална демократија „Прогрес“.

Телефонската анкета била спроведена врз 1.116 граѓани, од кои 515 биле мажи. Најголемиот број од испитаниците, односно 24,6 отсто биле на возраст од 40 до 49 години.

Според анкетата, 27,9 отсто од испитаниците одговориле дека со месечните примања може да купат само храна, додека 5,4 отсто може да си дозволат с` што сакаат. За 46,8 отсто, тие пари се доволни само за да се купи храна и да се платат сметките. На 18 отсто, освен за храна и за сметки, месечните примања им стасуваат и за други неопходни производи, додека 2 отсто од испитаниците немале одговор на ова прашање.

Од младите до 29 години 9,3 отсто одговориле дека може да си дозволат с` што сакаат со парите со кои месечно располагаат, додека повеќе од 30 отсто од граѓаните постари од 40 години со тие пари може да купат само храна. Во најнезавидна положба се земјоделците, со оглед на тоа дека на повеќе од половината парите што ги заработуваат во текот на месецот им се доволни само за храна. Во иста ситуација се и 41,8 отсто од невработените.

Повеќе од половина од граѓаните, покажа анкетата на „Прогрес“, сметаат дека Владата го троши државниот буџет во своја корист. Вака се изјасниле 54,2 отсто од испитаниците, за разлика од 18,5 отсто кои сметаат дека парите од државната каса се трошат во корист на граѓаните. Речиси третина, односно 27,3 отсто немале одговор на прашањето во чија корист се троши државниот буџет. Најголемиот дел од студентите, невработените, бизнисмените, земјоделците и вработените во приватни компании сметаат дека Владата ги троши државните пари за свои потреби, додека вработените во јавната администрација и пензионерите имаат спротивен став – дека ги троши за доброто на граѓаните.

Анкетата покажа дека над 60 отсто од граѓаните сметаат дека Владата лошо се справува со сиромаштијата и невработеноста. Повеќето од тие што одговориле вака се млади до 29 години, како и лица на возраст од 30 до 49 години. Повеќе од 20 отсто одговориле дека се справува добро, при што меѓу нив се граѓани на возраст од 50 до 59 години, како и лица над 60 години. Околу 15 отсто од испитаниците немале одговор на ова прашање.(Д.Т.)

Извор: Прогрес,Дневник